Зошто извршивме народно самоубиство? |
– Бидејќи љубовта оладува помеѓу луѓето, особено меѓу сопружниците кои стануваат туѓи и рамнодушни едни кон други. Љубовта бара општење и заедничарење, но само преку подвигот на самооткажување и самопожртвување. Вистинската љубов, секогаш е подготвена на жртва и чувствува радост, ако оваа жртва е прифатена. Но, чедоморците се во духовна парализа и опустошеност. Ако не се покајат, не можат да живеат во љубов, бидејќи нивните срца се скаменети и неплодни. А доказ за нивниот мачен и беден живот е убиството на своето дете. Познатиот православен мислител од II век, св. Климент Александриски, вели: „Жената исфрлајќи го својот плод, заедно со него исфрлува и сè што е човечно во неа.”На блудот и убиството како последица на безбожниот живот најмногу им се радуваат демоните, кои засекогаш се отпаднати од Бога. Нивната омраза се проширува и врз човекот кој е создаден како боголико битие, па затоа скришум се обидуваат, преку разни помисли, да ги наговорат мажот и жената на чедоморство. Притоа, како причина им ја посочуваат „економската неподготвеност” да го издржуваат своето дете. Така, мажот и жената, прифаќајќи ја оваа „разумна” причина − се одлучуваат на чедоморство. Какво демонско лудило?! Зошто порадо не се откажат од скапата облека, луксузниот стан, од луксузниот автомобил и компјутер или пак од своето патување на годишен одмор каде што трошат огромни парични средства за разонода и забава, а не сакаат да ги употребат за грижливо чување на своите деца?! Колку е чудно тоа што денес жената не сакаат да раѓа, не сака да го чува и воспитува своето дете, туку сака да го отстрани, убие или како што велат лекарите, да изврши „чистење” на својата утроба која што треба да биде најсвето место каде што се негува и живее еден нов благословен живот? Сега, наместо тоа, мајчината утроба стана погубилиште и место на убивање, небаре бебето е нешто нечисто и извалкано што треба веднаш да се отстрани. Но, таа жена на тој начин станува слична на Ирод кој од страв да не ја изгуби својата власт, не ги поштеди витлеемските младенци. Тие беа грабнувани од рацете на своите мајки и убивани пред нивните очи. А, можеби токму тоа „непланирано” чедо, по Божја промисла и милост ѝ е доделено на мајката да ја чува и негува кога е болна и уморна и да се грижи за неа во нејзината старост. Од денот кога жената своето бебе ќе го жртвува на ѓаволот, од тој миг таа живее како богоотпадничка и нехристијанка, поробена од својата себичност и недостоинственост, таа тогаш само личи на човек, но од нејзината човечност не останало ништо.Денес чедоморството претставува народна катастрофа. Секоја година сè повеќе и повеќе расте бројот на жртвите од оваа немилосрдна војна. Нашиот народ се повеќе старее, бидејќи бројот на родените деца е сѐ помал. Убивајќи ги своите деца, ние ја уништуваме својата земја, семејство, народ и иднина. Ние на овој начин вршиме народно самоубиство. Многумина се фалат со својот патриотизам, за својата љубов кон својата татковина, но татковината пред сѐ е самиот народ. Родителите кои го убиваат своето бебе, ја убиваат својата иднина. Тие вршат геноцид на сопствениот народ. Болниците во кои лекарите треба да спасуваат човечки животи, се претворија во логори на смртта. Ние станавме пилати кои секојдневно изрекуваат смртна пресуда за невини деца, а лекарите – платени убијци кои ладнокрвно убиваат за бедни триесет сребреници. Во една болничка соба, лекарите нè убедуваат колку многу се загрижени за нашето здравје и колку се трудат да нè излечат, а во другата − со мирна совест убиваат бебиња.
Прати коментар
Прочитано: 2406 Коментари (0)
![]() Напишите коментар
|