Чедоморството –крвав дожд кој ја претвори земјата во крваво место на живеење |
Денес жената наместо да се подготвува да стане мајка, размислува да стави крај на животот на своето дете кое сè уште живее во нејзината утроба. Во неа се развива едно живо човечко битие, еден преубав цвет кој ја чека дневната светлина за да почне да се развива, да расте и разгранува. Но, на тој миризлив цвет, наидува еден опасен ветер кој со својата студена изопачена сила може да го уништи, да го убие. Тој грев, кој е одлика и надгробна плоча на нашето македонско проевропско општество, европејците го нарекуваат абортус, но ние ќе го кажеме неговото вистинско име, а тоа е чедоморство или детеубиство, сурово и ладнокрвно убиство на нероденото бебе.Чедоморството е крвав дожд кој со своите крвави капки постојано, и дење и ноќе, ја полева земјата и ја претвора во крваво место на живеење. Уште при самото зачнување, започнува да живее едно живо човечко битие, со свое тело, иако целосно не е оформено, и со своја бесмртна душа која нетрпеливо го очекува денот на нејзиното просветлување со Христовата светлина преку светата Тајна Крштение. Затоа, за Православната Христова Црква, чедоморството или абортусот претставува убиство од најтежок вид, бидејќи на тој начин се лишува од живот еден човек кој немал можност да биде удостоен да се очисти од првородниот грев преку светото Крштевање. Св. Атанасиј Велики, Св. Григориј Богослов и Св. Кирил Александријски, велат дека некрстените деца нема да бидат во слава како крстените, но нема да бидат казнети како грешници кои свесно правеле гревови.Чедоморството е убиство на своето дете. Жената чедоморка го убива своето дете кое не сака да го види, да го запознае и возљуби, бидејќи повеќе го засакала својот себичен удобен живот исполнет со комфор, сладострастие, блуд и разврат, без никакво воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов. Затоа и се одлучува да го жртвува своето неродено бебе пред идолот наречен либерален живот, несогледувајќи ја трагедијата и ужасот на таа нечовечка и нехристијанска одлука. Дилемата; дали да го остави своето дете во живот или не – е најтрагичен миг во нејзиниот живот. Но тоа воедно е и опис на денешната трагична и жална состојба на модерното хуманистичко човештво. Хуманистичкото сфаќање дека човечкиот ембрион во утробата на својата мајка не е жив човечки организам, туку израсток кој може да се отстрани бидејќи жената има право да прави што сака со своето тело во името на својата слобода и право, е доволен доказ за незрелоста на денешното човештво, во кое човекот сам се потопува во својата неморалност, жестокосрдечност и огревовеност. Сè додека детеубиството не биде прогласено за најголемо злосторство и забрането со закон, сите апели за мир, праведност и демократија се само маска на лицето на европските политичари. Чедоморството е нем крик на беспомошните жртви кој од ден на ден сè погласно и погласно ја потресува земјата која се претвара во духовна пустина. Нема кој да ги чуе и утеши. Како што вели Спасителот: „слушаат и не чујат” (Мт. 13,13). Нивниот тажен глас не допира до срцето на мажот – убиец и жената – чедоморка, кои по убиството на своето несакано чедо ја изгубиле радоста, љубовта и совеста. Од хуманистичката и безбожна Европа постојано слушаме за човековите права. А, каде се правата на неродените деца? Зошто проевропските политичари кај нас се глуви кога станува збор за детеубиството? Зошто родителите кренале нож против своите деца? Зошто мажот ја принудува жената на чедоморство, а таа веднаш се согласува?
Прати коментар
Прочитано: 2913 Коментари (0)
![]() Напишите коментар
|