Никој не знае колку Македонки абортираат |
Во Македонија годишно се раѓаат толку дечиња колку и што се абортираат. Лекарите велат дека бројот на абортуси годишно се движи околу 22.000, колку што е бројот на новородени деца. Неинформираноста за сексуалното и репродуктивното здравје, велат лекарите, е главната причина за зголемен ризик од несакана бременост и сексуално преносливи болести, вклучувајќи ја и ХИВ-инфекцијата. Во исто време, стапката на употреба на орална контрацепција е многу ниска. Лекарите на вчерашниот Светски ден за орална контрацепција објаснија дека во земјава абортираат и тринаесетгодишни девојчиња. Голем дел млади сексуалниот живот го почнуваат околу петнаесеттата година. Во исто време се недоволно информирани за можната заштита од несакана бременост, а сексот е табу-тема и за нивните родители. Сепак, и покрај алармите од лекарите, Министерството за здравство нема официјални податоци за бројот на изведени абортуси. Во оваа институција допрва се работи стратегија за сексуално и репродуктивно здравје. - Досега спроведените студии укажуваат на висока неинформираност, што е главна причина за сексуално преносливи болести, несакана бременост. Сепак за официјални показатели за состојбата ќе мора да почекаме – вели д-р Едис Рамо од Министерството за здравство. Д-р Горан Димитров од Клиниката за гинекологија вели дека свесноста за контрацепција е битна затоа што на секои пет жени што забременуваат во светот најмалку кај една од нив се работи за непланирана бременост. Но маркетиншките податоци велат дека стапката на употреба на орална контрацепција во Македонија е многу ниска и изнесува два-три проценти, или ја употребуваат околу 9.000 жени. За разлика од кај нас, во светски рамки таа е 11 проценти. - Таму каде што има голема употреба на орална контрацепција, како на пример во Германија, има многу мал процент на абортуси. Во Русија каде што има ниска стапка на употреба на орална контрацепција има голем процент на абортуси – објаснува Димитров. Лекарите укажуваат и на голем број нелегални абортуси. - Лани имав три, а годинава една пациентка во животна загрозеност. Проблемот со нив е што на вистинско место се јавуваат кога состојбата ќе им се искомплицира и не кажуваат каде го правеле абортусот. Ова е проблем што мора да се реши – вели д-р Васил Јовковски од „Мала Богородица“.
Прати коментар
Прочитано: 3164 Коментари (0)
![]() Напишите коментар
|